Вечна неисцрпна тема, барем за мене, е односот помеѓу луѓето. Сетете се колку ви било лесно кога сте биле дете, во градинка, во основно и средно училиште, па и како повозрасен, кога веќе сте станале студент, да се зближите со одредени луѓе. Пред да започнам со студии јас одев на подготвителна настава, организирана од факултетот. До мене седна едно девојче (никогаш порано ја немав видено). Јас веднаш почнав да правам муабет со неа, нормално, општ муабет, како се викаш, од каде си и сл. Излезе дека ми е имењачка :) Интересното во сето тоа е што после два дена, мене ми беше роденден, и тоа истото девојче кое го запознав два дена порано, ми купи подарок. Мала ситница, која ми значеше многу. Јас и Маја до ден денес сме другарки, иако поминаа веќе 4 години.

Она кое што мене ме фрустрира на некој начин, и ми претставува мистерија… каде исчезнува таа желба за дружење, за запознавање нови луѓе, за склопување пријателства? Секоја чест на исклучоците, но аргументот кој би го користела за одбрана на ова мое мислење (мистерија) е моето лично искуство. Луѓето после одреден период од нивниот живот стануваат ладни, далечни, ја нема таа блискост и отвореност која била својствена до пред некое време. Дали тој недостаток на таа блискост и отвореност е причина поради која што многу организации не функционираат ефикасно и ефективно? Во моето понатамошно пишување, ќе се потрудам да најдам одговор на ова прашање.

Најпрво, би сакала сите да си го поставите следното прашање: Дали се дружите и приватно со вашите колеги од работа? Доколку одговорите да, во тој случај вие сте исклучокот. :) Генерално, луѓето избегнуваат да се дружат со своите колеги. Дали заради тоа што се гледаат како конкуренција? Но, како може да се гледате како конкуренција, кога секој во организацијата си ја знае својата задача и работите за истата цел. Дали е тоа во човековата природа? Но, во природата на човекот е да се зближува со својот вид. Навистина, не можам да најдам одговор, а очајно сакам. Постојат мал милион статии кои ја разработуваат темата на човечки ресурси, однос со колегите, меѓутоа во пракса сето тоа не се спроведува. Па, луѓе, со вашите колеги минувате од 8-10 часа на работа, тоа е поголем дел од вашето време. Не штети ако еднаш неделно испиете кафе со нив и разговарате за нешто што е надвор од работата.

Она што сакам да го кажам со мојава статија е дека за да имате вие здрав однос со вашите колеги, за да можете да работите како тим, мора прво да се запознаете. А, како ќе се запознаете со тие луѓе ако не им дадете шанса да ви претстават. Секако, надвор од работното време. Можеби ќе дознаете дека тие се навистина интересни личности. Можеби ќе дознаете дека работата им налага да бидат строги, суетни, дрски, отсечни, а всушност се многу добри луѓе.  Размислете на темата и не заборавајте на познатата изрека “Never judge a book by its cover”.

Тимска работа

Градење на тим

Како тоа запознавање и разбирање на вашите колеги може да придонесе кон поефикасно работење на организацијата? Кога луѓето се познаваат и приватно, самата работа не претставува товар. Слободни сте да кажете некоја невкусна шега, без другата страна да ве разбере погрешно. Имате комплетна слобода да го искажете вашето мислење, без да се плашите дека ќе биде игнорирано. Полесно станува да завршите некоја работа за вашиот колега, кој ве замолил од икс причини да го направите тоа. Се избегнува строгата хиерархија, и онаа стравопочит, и таа неформална комуникација ја прави самата работа поинтересна. Да не се разбереме погрешно, со ова не сакам да кажам дека не треба да има почитување на односот надреден- подреден, но доколку тоа  е во некоја поблага форма, во тој случај завршувањето на работните обврски е полесно. Во мојата компанија, работи и моја другарка, со која седевме во иста клупа во средно училиште, заедно студиравме (кога велам заедно, мислам заедно… учење заедно, дружење со истите луѓе и сл.). Со неа имам одлична комуникација, затоа што така функционираме.

Како заклучок на ова, ќе завршам со една изрека (да, обожавам изреки :) ) “Лидерот мора да биде доволно близок за да се поврзе со другите, но доволно оддалечен за да ги мотивира”. Затоа, нареден пат кога некој од вашата организација ќе сака да пие кафе со вас и другите колеги, не ја одбивајте поканата. Дајте му/и шанса. Којзнае, можеби ќе станете најдобри пријатели. :)